Министерството за внатрешни работи соопшти дека е расчистено убиството кај Смилковско езеро и дека е приведено едно лице за кое ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.
Приведен е 38-годишен маж од Скопје со иницијали Б.Ј. кој се сомничи за кривично дело „убиство“.
Според информациите на МВР, осомничениот го појаснил начинот на кој го извршил убиството.
На 26.11.2026 по преземени оперативно тактички мерки, од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал-Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје, лишен од слобода е Б.Ј.(38) од Скопје поради сторено кривично дело „убиство“. Имено, лицето е лишено од слобода, во врска со кривично правниот настан од 21.11.2026, кога по претходна пријава во СВР Скопје, на обиколница „Мајка Тереза“ во близина на с. Смилковци, скопско пронајдено беше лице без знаци на живот, а полициски службеници од СВР Скопје утврдија дека лицето е Ш.Е.(38) од с. Љубин, скопско, при што беше забележана прострелна повреда во пределот на ногата, информира МВР.
Телото на починатиот 38-годишен маж беше пронајдено кај Смилковското езеро со прострелна рана во пределот на ногата, а во негова близина беа пронајдени возилото и мобилниот телефон.

