Кандидат на Студентската листа на претседателските избори во Србија што ќе се одржат на 27 декември ќе биде академикот и хемичар Радомир Саичиќ, објавија денес претставници на Студентското движење на прес-конференција.
Листата со која ќе настапи Саичиќ на изборите ќе се вика Група граѓани „Студентите повторно победуваат“.
„Изминатата деценија беше обележана со колапс на владеењето на правото, корупција и говор на омраза. Институциите што требаше да ги заштитат граѓаните најчесто ги штитеа оние на власт. Студентите и учениците што бараа одговорност беа прогласени за непријатели на државата“, рече Саичиќ во обраќањето по неговото официјлно промовирање за студенстки претседателски кандидат.
Токму студентите, со својот бунт против неправдата, го започнаа Студентското народно движење, продолжи тој, а нивната храброст ги охрабри луѓето низ цела Србија да застанат едни на други.
„По многу труд, жртва и притисок, оваа солидарност донесе историска победа. Сега имаме можност да ја претвориме слободата што ја освоивме во трајна промена. Режимот во заминување сè уште се обидува да ја уништи нашата земја. За да го спречиме ова, мора да ги обновиме институциите што режимот ги злоупотреби. Парламентот, Владата и судовите мора повторно да ја заработат довербата на граѓаните. Истото важи и за институцијата претседател на Републиката. Со години, претседателската функција се користеше за продлабочување на поделбите, а уставните овластувања беа пречекорени. Време е да се врати достоинството на функцијата претседател на Србија. Горд сум што студентите ми ја покажаа довербата да се кандидирам за претседател на Републиката, рече Саичиќ.
Тој нагласи дека се приклучил кон движењето верувајќи дека промената на владата има смисла ако се промени и односот на владата кон граѓаните и затоа ќе се залага за суверена Србија во која ќе се почитува Уставот и во која секој граѓанин ќе може да живее со достоинство.
„Кога ќе можеме да се слушаме едни со други и да разбереме зошто некој мисли поинаку, да се согласиме, и покрај нашите разлики, за она што е важно за сите нас, Србија ќе има сила да одлучи за својата иднина и нејзиниот збор да биде слушнат и почитуван во светот. Ние го градиме тој углед дома. Почнуваме со тоа што ќе се осигураме дека оние на власт дејствуваат во согласност со Уставот. Како претседател, ќе се држам до моите овластувања, јавно ќе ги објаснувам моите одлуки и ќе барам иста одговорност од другите носители на власт, рече Саичиќ.
Според него, достоинствен живот значи дека едно лице може да живее од својата работа, дека не му е потребна партиска членска карта за вработување и дека може да смета на истите права на суд како и лице на власт, за што ќе се залага секогаш кога ќе ги користам своите овластувања или ќе зборува во име на државата.
„Верата ми дава морална сила и ме обврзува да го држам својот збор. Науката ме учи да поставувам прашања и да барам докази. И животот ме научи да преземам одговорност кога е најтешко. Подготвен сум да ја преземам таа одговорност и сега“, рече Саичиќ во своето обрќање.
Одговарајќи на новинарски прашања Саичиќ изјави дека во тек се консултации за формирање влада.
„Треба што поскоро да формираме влада, бидејќи владата во заминување, која сè уште има технички мандат, сè уште се обидува да ја поткопа државата. Огромни финансиски средства се исцрпуваат од системот, а се прават и други злонамерни обиди да се отежни ситуацијата, не само за владата што треба да дојде, туку и за сите граѓани на Србија. Затоа, во наш интерес е што поскоро да формираме влада и да ги преземеме механизмите на управување, за да можат негативните тенденции да се запрат што поскоро и да може да се започне со процесот на обнова на земјата“, рече Саичиќ.
Тој додаде дека верува оти владата ќе биде формирана релативно брзо.
„Не премногу брзо, бидејќи е поважно да се најдат добри решенија, за да има квалитетен тим кој навистина ќе биде квалификуван да се справи со сите предизвици што претстојат, но сигурно ќе биде далеку пред законскиот максимум, па верувам дека ќе биде релативно брзо“, додаде тој.
На прашањето на еден новинар какво влијание ќе има одлуката на СНС да ги бојкотира претседателските избори врз редовите на Студентската листа, тој изјави дека дали СНС ќе има кандидат или не, нема никакво влијание врз него.
„Едноставно, така беше порано, така е и сега. Гледам што можеме да направиме и што треба да направиме, а не што прават другите. Особено во случајот со СНС, која имаше можност повеќе од една деценија да ги покаже своите капацитети, тенденции, способности, па навистина не размислувам за тоа“, одговори Саичиќ.
Кој се досега најави учество на изборите?
Неколку политичари навестија дека сакаат да учествуваат во претседателската трка.
Меѓу нив се Бранко Павловиќ, адвокат и правник, поранешен член на српскиот Парламент од редовите на опозициското движење „Ние – Гласот на народот“, бизнисменот Богољуб Кариќ, чија партија Движење Силата на Србија (ПСС) освои околу 20.000 гласови на парламентарните избори во октомври, како и докторот Бранимир Несторовиќ, лидер на движењето „Ние – Силата на народот“.
Како кандидат се споменува и Александар Вулин, еден од најблиските соработници на Вучиќ и лидер на Движењето на социјалистите (ПС). Сепак, засега не е познато дали Вулин, кој беше министер во неколку влади и е поранешен шеф на Безбедносната и информативна агенција (БИА), навистина ќе се кандидира.
За поднесување кандидатура за претседател потребни се најмалку 10.000 заверени потписи.

